Триста дваесет и пет контејнери со американска муниција треба да бидат транспортирани од грчко пристаниште на полуостровот Пелопонез до Израел, тврди атинскиот весник „Та неа“.
Весникот пишува дека Министерството за надворешни работи на Грција ја демантира информацијата дека пристаништето Астакос, како и било кое друго пристаниште на грчка територија, се или било користено за снабдување со оружје на израелската армија.
Весникот „Та неа“, меѓутоа, се повикува на документ на американската военопоморска флота, кој содржи податоци за конкретниот шверц на американска муниција преку територијата на Грција. Во документот се соопштува за меѓународен тендер во врска со најмувањето трговски бродови, кои ќе ги превозат 325-те контејнера со експлозиви од грчкото пристаниште Астакос до израелскиот пристаништен град Ашдод, на Средоземно море.
Пратката со муниција треба да се испорача во два наврати од средината до крајот на јануари или конкретно на 25 и 31 јануари. Исто така, весникот тврди дека огласот за најмувањето на бродовите бил даден на 31 декември минатата година.
Весникот забележува дека користењето на посоченото грчко пристаниште предизвика реакции на опозициските партии - Социјалистичката партија-ПАСОК, Комунистичката партија и Левата коалиција СИРИЗА, како и на палестински организации и други општествени формации, кои ескалираа по изјавите од страна на Пентагон и на грчкиот армиски Генерштаб.
Претставник на Пентагон потврди дека се планира превозење муниција до Израел, но од безбедносни причини одби да ги коментира маршрутите по кои таа ќе биде испорачана.
-Муницијата ќе биде доставена до конкретен склад за оружје во Израел согласно спогодбата од 1990 година меѓу САД и Израел, изјави американскиот авијациски потполковник Патрик Рајдрр, кој појасни дека муницијата е наменета единствено за американската армија, а не за Израел, и дека не е неменета на воените операции во Појасот Газа.
-Превозот на 3.000 тони муниција не е нешто вообичаено, забележа анонимен извор, цитиран од грчкиот весник.
Воен извор, пак, во Атина изјави дека грчкиот Генералштаб не е запознат со ова прашање и дека нема учество во слично нешто.
Портпарол на грчкото Министерство за надворешни работи, исто така, ги демантира овие тврдења.
Весникот меѓутоа коментира дека сето ова е кажано откако официјалните документи потврдиле дека муницијата транзитно минува преку Грција.
No comments:
Post a Comment